Болните во сабота молат за помош со сино картонче од една во друга здравствена установа. Педијатрите не ги информираат родителите каде може да ги однесат на преглед децата ноќе, а во некои градови дежурните лекари го наплатувале прегледот

Во сабота нема кој да ги прегледува болните
Пациентите во сабота може да лутаат и по десетици километри додека да најдат кој да ги прегледа или да им даде веќе пропишана ампуларна терапија-инјекција. Ако нивниот матичен лекар не ја отвори ординацијата на неколку часа, тие молат за помош со сино картонче од една во друга здравствена установа. Педијатрите не ги информираат родителите каде може да ги однесат на преглед децата ноќе, а во некои градови дежурните лекари го наплатувале прегледот. Ако не се промени неорганизираноста на дежурните во сабота, од Фондот за здравство велат дека може да казнуваат.
Го свртев цело скопје
Скопјанката Вера Бошковска вели дека го „свртела“ цело Скопје додека во сабота да најде кој да ѝ ја да даде пропишаната терапија, инјекција.
– Мојот матичен лекар е во поликлиниката МВР. Во петокот ми кажа дека ќе има дежурен лекар и сестра во сабота до 20 часот и оти тие ќе ми ја дадат терапијата. Отидов напладне ама немаше ниту лекар ниту сестра што ќе ми даде инјекција. Дојде некоја жена од персоналот, рече дека не знае зошто нема лекари и ме испрати во некоја амбуланта на Водно, каде што наводно ќе ми ја даделе терапијата. Појдов таму, но беше затворено. Потоа појдов во поликлиниката „Бит-пазар“, арно ама таму пишуваше дека дежурен лекар ќе дојде по 19 часот. На крајот отидов во „Јане Сандански“ – вели Бошковска.
Во поликлиниката во Аеродром имало и лекар и медицинска сестра, но тие не сакале да ѝ ја дадат терапијата.
– Ми објаснија дека дежураат само за пациентите што имаат матични лекари во таа поликлиника. По 10 минути објаснување докторката дозволи да ми ја дадат терапијата. Загубив околу еден час и извозев најмалку дваесетина километри. Замислете колку ќе ме чинеше ако одев со такси или колку се малтретира тој што мора да оди со автобус. Безобразно е да не се организираат лекарите за болните да не лутаат во сабота – додава Бошковска.
Родител се пожали дека исто така лутале од установа до установа оти никој дежурен не сакал да им го прегледа болното дете.
Марина Станковска од Здравствен дом Скопје, која ги организира дежурните лекари, вели дека тие ги прегледуваат пациентите во недела, за празници и во трета смена.
– Во сабота за дежурства се организираат матичните лекари. Ако некој пациент не бил услужен за време на нашето дежурство, нека дојде да пријави, ќе преземеме мерки – вели Станковска.
Дежурните лекари треба да работат цел викенд
Меѓутоа, од Фондот за здравство тврдат дека дежурните лекари треба да работат и во сабота.
– Дежурните лекари треба да работат за време на цел викенд, за празници и во трета смена. И не смеат да ги враќаат пациентите. Има некои ординации на матични лекари што работат по неколку часа и во сабота, но без разлика на тоа, пациентите секогаш треба да може да добијат помош од дежурните служби. Во Скопје има дежурни во осум установи. Во поликлиниката „Букурешт“ има служба за деца, а во Ѓорче Петров за стари лица – вели Бранко Аџигогов, портпарол на Фондот за здравство.
Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружение на приватни лекари, објаснува дека матичните не се обврзани да дежураат за време на викенди и да се организираат, да се менуваат.
– Има некои установи што се организираат, и таму матичните се менуваат во сабота. Но тие го прават тоа за да им олеснат на пациентите. Инсистираме дежурните служби да даваат помош и во сабота и во недела. Многумина од оние што работат таму мора да си ја променат свеста. Во Куманово се случува да им наплатуваат по 200-300 денари на пациенти кога ќе заклучеле дека тие не биле итен случај. Ние го пријавивме тоа – вели Чолакова-Дервишова.
Автор: Наташа Бошковска-Златкова