Назад на правна регулатива
Новини во правна регулатива #106

Приватните лекари незадоволни од својот статус во системот Дневник 16.10.2010

· 1 слика

За матичните лекари е неразбирливо што ним им се закануваат со казни за непочитување закон, кој се’ уште не е усвоен

Докторите од примарното здравство се носители на здравствениот систем во државата, но и покрај тоа не се соодветно вклучени и третирани во здравствениот систем во Македонија, посочуваат од Здружението на приватните лекари.

Тие бараат почести средби и почит од надлежните од Министерството за здравство заради решавање неколкуте крупни проблеми, како што се правото на пациентот да избира лекар, препишувањето лекарства и вредноста на бодот. За нив писмено реагирале, но досега не добиле одговор.

– Бараме да се промени режимот на лекови. Тој е нефункционален за територијата на Македонија, бидејќи освен во Скопје, во земјава не постојат толку супспецијалисти да препишат потребен лек. За ова се казнети многу доктори не по нивна вина. Новиот закон, кој се најавува, е многу добар како идеја, но во практика не може да се примени.

Во внатрешноста, повеќето здравствени институции се технички неопремени, им треба апаратура и кадар кој допрва ќе се едуцира. Правото на кое Министерството досега инсистираше, секој пациент да се лекува каде сака, никој не смее да му го одземе и сега тој се ограничува – вели д-р Лили Чолакова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Македонија.

За Здружението е неразбирливо што на матичните лекари, кои се столбот на системот, им се закануваат со казни за непочитување на закон кој се уште не е усвоен. Лекарите од примарното здравство реагираат на говорот на репресија и најавите за казни за упат на пациенти за лекување во одредена институција која не е пропишана, кога се уште ништо во тој дел не е договорено и дефинирано.

Другото барање за кое и по шест месеци не добиле одговор од Министерството за здравство е капитацијата, вредноста на бодот.

– Осумдесет отсто од приватните лекари во Македонија се на минималец од 15 илјади денари, за да можеме со останатите пари кои ги добиваме да ги платиме сите трошоци кон државата и кон вработените. Последната плата која завчера ја добивме изнесува 70 отсто за јули. Видете каква дискриминација има.

Колку е просечната плата во јавното здравство и за кој месец тие имаат земено плата, а каде се приватните лекари? Имаме задоволни пациенти, а несоодветно платени лекари. Десет години вредноста на бодот не е променета, а каде отидоа бензинот, струјата, цената на апаратурата, ампуларни лекови. Имаме 80-90 прегледи на ден, односно квантитет наспроти квалитет – вели д-р Чолакова.

Во Здружението членуваат 2.000 приватни лекари. Од нив се 1.300 матични лекари, а другите се специјалисти.

Петар Печков