Назад на правна регулатива
Новини во правна регулатива #1144

Лекарите се плашат да отвораат боледувања – Нова Македонија

· 1 слика

Стравот на докторите почна откако министерот за здравство Никола Тодоров најави дека ќе се воведат затворски казни за лажни отсуства од работа, но стравот, вели тој, не смее да биде причина болниот да не добие право на отсуство од работа. Сега, многумина, кога се несигурни, наместо да се информираат од правилник и да проверат дали на болниот му следува боледување, ги одбиваат пациентите

Пациентите да алармираат ако не добијат боледување

Лекари се плашат да препорачаат или да отворат боледување. Стравот на докторите се роди откако министерот за здравство Никола Тодоров најави дека ќе се воведат затворски казни за лажни отсуства од работа. Па сега, наместо да се информираат од правилник или да се консултираат со Фондот за здравство и да проверат дали на болниот му следува боледување, ги одбиваат пациентите. Драгица Поповска со денови шетала од лекар на лекар додека да „расчисти“ дека и следува боледување, а потоа и да го добие. На Поповска и ги ваделе забите со операција на Стоматолошкиот клинички центар, по што имала обилно крвавење.

– Специјалистот на клиника ми кажа дека ми следува боледување, меѓутоа дека нема право да запише во извештајот дека следува. Додека траеше интервенцијата, двапати ми се слоши, па не ја довршија. Во таква состојба, морав да одам кај матичен стоматолог, кој ме прати кај општиот матичен лекар, а тој ме врати назад. За да си ги скратам маките, прашав во Фондот за здравство и ми објаснија за кои дијагнози следува боледување од матичен стоматолог и дека специјалистот може да напише таква препорака во извештајот, а потоа матичниот стоматолог да го издаде – објаснува Поповска.

Откако му објаснила на лекарот на клиника, тој дал препорака за боледување од седум дена.

– Но, кога појдов кај матичниот стоматолог, тој рече дека можел да даде максимум три дена. Се пазаревме за ден повеќе, иако мислам дека би требало да го почитува тоа што специјалистот го препорачал. Мислам дека матичниот воопшто не ги знаеше правилата за боледување, зашто со семејството му читавме дел од правилникот, т.е. му го кажувавме она што ни го објаснија во Фондот – вели Поповска.

Таа е само една од пациентите што се мачат за да добијат боледување. Лекари велат дека нивни колеги не ги знаат добро правилата за боледување, па најлесно им е да ги одбиваат пациентите за кои не се сигурни дали им следува.

Лекарите се исплашени откако министерот Тодоров најави затворски казни од шест месеци до три години за оној што ќе издаде лажно боледување.

– Имаме правилник, кој треба да го почитуваме. Нормално дека постои страв ако некој згреши. Мора да се внимава. Можеби треба да се организираат работилници и да се направи едукација за да се дообучат оние што имаат недоумици и нејаснотии околу боледувањата – вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.

Ако пациентите се жалат дека лекарите не им даваат боледување, докторите тврдат дека тие бараат и кога не им следува.

– Неодамна се одјави од кај мене пациентка што ја лекувам 18 години затоа што и објаснив дека не и следува боледување од две недели – вели матичен лекар.

Бранко Аџигогов, портпаролот на Фондот за здравство, ги советува пациентите што не добиле боледување, а им следува, веднаш да алармираат на бесплатниот телефонски број 0800-33-222.

– Пациентите да алармираат ако не добијат боледување, иако со специјалистички извештај се препорачува и е во согласност со критериумите. Но може да се случи специјалистот да направи грешка и да препорача боледување, а да не следува за таа дијагноза. Тогаш матичниот може да не издаде ако утнал специјалистот – вели Аџигогов.

Министерот Тодоров вели дека и неоснованото одбивање на пациентот е грешка.

– Замислете хирургот да се плаши да оперира за да не згреши случајно, или судијата да не суди за да не погреши. Зборуваме за елементарност. Се плаши оној што не е сигурен во сопственото знаење. Тој што е болен и докторот го утврди тоа, мора да добие боледување – вели Тодоров.

Освен казни, здравствената власт најави и засилени контроли на боледувањата, оти за само четири години бројот на боледувања е двојно зголемен, од 10.000 во 2007 година, на 22.000 во 2010 година, и толку е проекцијата за 2011 година. Сé поголем дел од здравствениот денар оди за боледувања, а во Фондот за здравство се сомневаат дека голем дел од оние што се издавале се сомнителни, особено кај административците.

Боледувања

во 2007 година 10.000
во 2010 година 22.000
процена за 2011 година 22.000

Автор: Наташа Бошковска-Златкова Фотографија: Игор Бансколиев

Извор