Назад на правна регулатива
Новини во правна регулатива #1146

Тодоров ќе ги контролира спонзорствата на лекарите – Нова Македонија

· 1 слика

Новиот предлог- закон за здравствена заштита, кој наскоро ќе се најде пред пратениците, предвидува казни за оние што ќе ги скријат донациите и спонзорствата и за оние што ќе прифатат да бидат советници или консултанти без писмен договор за тоа

До 2.000 евра ќе изнесува казната за сокриеното спонзорство

Здравствените работници и соработници ќе мора да добијат дозвола од Министерството за здравство за да земат донација или спонзорство, без разлика дали таа стигнува од човек, организација, здружение или од компанија. Новиот предлог-закон за здравствена заштита, кој ја помина владината процедура и наскоро ќе се најде пред пратениците, предвидува казни од 1.000 до 2.000 евра за оние што ќе ги скријат донациите и спонзорствата.

– Здравствениот работник или соработник може да прими донација или спонзорство од физички или правни лица поради учество на стручни собири, семинари, работилници и слично за дополнително оспособување и усовршување. За нив претходно согласност дава Министерството за здравство – стои во предлог-законот.

Во него е определено и дека донациите и спонзорствата во Министерството се запишуваат во регистар, по службена должност, а водењето на регистарот се регулира со правилник.

Законодавецот определил и дека здравствени работници или соработници може да бидат консултанти и советници, поединечно или групно, за давање услуги како говорници или претседавачи на средби, за учество во медицински или научни студии, клинички испитувања или услуга на обука, за учество на советодавни состаноци и во истражување на пазарот, каде што таквото учество вклучува хонорар или патување. Меѓутоа, за тоа ќе мора да потпишат договор со нарачателите на услугите.

Во договорот, пак, меѓу другото, треба да се запишани услугите и основата за плаќање. Исто така, треба да стои јасна идентификација за оправданата потреба од таков вид услуги (за консултанти и советници) и дефинирани критериуми за тоа како е направен изборот на здравствените работници.

Во договорот треба да стои и одредба дека ангажирањето не е за да се препорача, пропише, купи, набави, продаде или администрира одреден лек. Исто така, треба да ја пишува и цената на услугата, која е соодветна на пазарната вредност на обезбедената услуга.

Доколку не се испочитуваат овие определби, здравствените работници може да платат глоба од 1.000 до 2.000 евра.

Лекарските донации и спонзорства многу одамна се тема на дискусија на експертската јавност. Лекарите објаснуваат дека без парите што ги добиваат на овој начин многумина не успеваат да се усовршат во работата, зашто државата ретко плаќа за тоа. Но, исто така, лекари во јавното здравство велат дека некои нивни колеги ја злоупотребуваат оваа можност, па прават т.н. легална корупција примајќи пари од пациенти, но и од компании, на кои како контрауслуга им ги фаворизираат терапиите.

Министерот Никола Тодоров неодамна најави дека Министерството за здравство ќе плати усовршување на здравствените работници во земјава и во странство.

Автор: Наташа Бошковска-Златкова Фотографија: Маја Јаневска-Илиева

Извор