
Партиски и политички препукувања е смешно да има во здравството, кога немаме веќе кадар, со ваков став претседателката на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова-Дервишова апелира до Министерот за здравство, Фатмир Меџити под итно да го стави предлог законот за здравствена заштита во собрание, со цел достапноста на здравствените услуги да е еднаква за сите граѓани.
Чолакова за ТВ24 вели дека непостоењето на долгорочна национална стратегија, како и честото менување на министрите придонесува само да се зголемува бројката на медицински персонал, кој својата егзистенција ја бара во повеќе платените земји.
Меѓутоа, егзодусот на лекари продолжува. Така, освен миграцијата на млад медицински кадар во странство, сега актуелна е и мигарцијата од државното во приватното здравство, смета поренешниот заменик министер за здравство, Владимир Рендевски.
Инаку, во моментов во државата речиси и да не постои болница во која нема дефицитарен кадар од секаков профил.