
Три илјади пациенти од Велес треба да си бараат нов матичен лекар бидејќи нивниот заминува во пензија, а приватната амбуланта треба да се затвори. Еден од првите лекари во градот вели дека има кој да го продолжи неговиот семеен бизнис во кој вложувал речиси две децении, но со новите измени на законот за здравствена заштита тоа не е дозволено. Поради ова без работа останува и неговата ќерка која е докторка во амбулантата и двете сестри штo работат таму.
Токму оваа одредба од законот веќе ја критикуваа од Здружението на приватни лекари на Македонија. Велат дека државата не смее да се меша во приватните фирми што е и со Устав загарантирано право, но со измените на законот токму тоа се случува бидејќи по заминување во пензија лекарот не смее да ја остави во наследство фирмата туку мора да ја затвори. Велат дека Мемедалиев е само еден од примерите за жртва на овој неуставен закон. Од здравствените институции пак велат дека ќе се распише конкурс за испразнетата амбуланта, а на него може да конкурира и докторката која ќе остане без работа. Но законот не и дава предност пред останатите заинтересирани лекари вели Мемедалиев.
Министерството ги правдаше новите измени на законот во делот на приватното здравство како мерка против создавање фамилијарни империи во здравствениот систем. Засегнатите лекари пак велат дека сепак се работи за лична работа која државата нема право на ваков начин да ја контролира.