Ќе се преполнат ли македонските затвори со пациенти и доктори. Најновите мерки предвидуваат затворски казни за пациентот и докторот за фиктивни дијагнози и издадени боледувања. Со вакви санкции министерството за здравство ќе се бори да ги намали трошоците на Фондот за здравство.
![]()
44 доктори се казнети парично, но со новите законски измени казната е една година затвор за болниот, до 3 години за матичниот доктор доколку се утврди дека е фингирана дијагнозата и оштетена здравствената каса.
„Ние планираме да предвидиме посебно кривично дело коешто ќе се однесува на матичните лекари коишто спротивно на медицинската пракса или спротивно на позитивните правни прописи ќе препише боледување на лице на коешто тоа не му следува, ќе се казни со затворска казна од 6 месеци до три години“, рече министерот за здравство Никола Тодоров.
Фондот за здравство го анализирал матичните лекари. Најмногу издавале боледувања на јавната администрација– во источниот дел на Македонија наместо на работа се работело на нива.
„Секогаш кога се работи под притисок, секогаш кога се добива задача, многу лесно се издаваат боледувања од страна на здравствените работници и за сметка на тоа имаме одредени укажувања дека јавната администрација, особено во некои региони на Македонија работат на нива кога е потребно, а за сметка на тоа се пријавуваат како да се на боледување“, вели Маја Змејкова Парнарџиева, директор на ФЗО.
Министерството за труд се вклучува, ќе се контролираат и работодавачите. Секоја фирма мора да има комисија со лекар за да ги контролира вработените на боледувања.
„Ќе се обидеме да го сузбиеме со интензивни контроли на трудовата инспекција врз основа на евиденција што ќе ни биде доставувана од Министерството за здравство и навистина ќе се обидеме да ги намалиме таквите можни злоупотреби“, изјави министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски.
На годишно ниво Фондот за здравство троши околу 1 милијарда денари за боледувања– од здравствената каса во 2007 година се одлеале 1,1 милијарда, а во 2011 година двојно повеќе.
Мирјана Поповска
Извор: Канал 5