Назад на правна регулатива
Новини во правна регулатива #919

Одлуката за затворски казни за лажни боледувања е избрзана Алфа ТВ 02.11.2011

Министерството за здравство да ја преиспита одлуката за затворските казни во случај на лажни боледувања – побара здружението на матични лекари. Тврдат дека одлуката ќе биде на штета на пациентите, бидејќи лекарите ќе се плашат да дадат боледување и во случај кога е потребно.

„Замислете мајка со дете болно од дијабет и лекарот да се плаши да даде боледување или пациeнт со нервно растројство“, вели меѓу другото д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на здружението на приватни лекари.

И експертите велат дека одлуката е избрзана. Сметаат дека Фондот за здравство треба да ги најде причините за двојното зголемување на боледувањата.

„Фондот директно им укажа, односно им нареди на лекарите и на пациeнтите да не даваат, односно да не користат боледувања. И сега лекарите ќе работат под притисок и нема да дадат боледување и каде што е потребно“, вели поранешниот заменик министер за здравство и експерт за јавно здравје, д-р Владимир Лазаревик.

Според партијата „Достоинство“, министерот за здравство Тодоров бил на добар пат да воведе и смртна казна.

„Министре Тодоров, во војска или во полиција кога има незадоволство од одреден вод, се менува началникот на тој вод, а не членовите на тој вод“, му порачаа од „Достоинство“.
Нашите соговорници велат дека е симптоматично зголемувањето на боледувањата од 10 илјади во 2007-ма на 22 илјади годинава, во најголем број во администрацијата.

Елена Ставровска

Извор и видео: Одлуката за затворски казни за лажни боледувања е избрзана