Назад на соопштенија
Соопштенија #1080

Специјалистите неподготвени за новите упати – Нова Македонија 04.01.2012

Првиот работен ден од годинава за лекарите и за медицинскиот персонал во јавните здравствени установи не беше релаксиран колку што очекуваа, зашто голем дел пациенти новата година ја почнаа со шетање од установа до установа

Иако имаа три месеци за да почнат да ги употребуваат новите упати, голем дел специјалисти дури вчера почнаа да ги печатат, зашто Фондот повеќе нема да ги толерира оние што издаваат стари. Така, дел пациенти што добиле стар упат во декември сега ќе мора да го сменат. За некои пациенти и вчера почнало малтретирањето, зашто лекарот кај кого отишле ги немал новите обрасци.

Фондот за здравство ги воведе новите упати уште во почетокот на октомври, а од годинава тие се задолжителни, што значи дека нема да ги признава услугите извршени од лекари што примиле пациент со стар упат.

Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари, вели дека матичните лекари навреме почнале да даваат нови упати, но и дека првиот работен ден од годинава се јавил проблем со специјалисти.

– Во Здравствениот дом во Делчево специјалист воопшто не ги добил новите обрасци, па кога матичен лекар испратил пациент кај него, специјалистот не можел да го препрати на снимање со магнетна резонанса. Матичниот лекар реагираше кај нас. Тој мораше да го препрати болниот на ортопед-специјалист во Скопје, а овој да му даде упат за снимањето. Има разлика од приватните лекари што навреме ги воведуваат новините до оние во јавното здравство – вели Чолакова-Дервишова.

И во Здравствениот дом во Скопје во петокот ги немаа новите упати. Вчера биле обезбедени за сите. Од оваа установа велат дека нема да ги враќаат пациентите што ќе побараат услуга со стар упат, решавајќи го тоа меѓу себе и администрацијата, без да се малтретира пациентот.

Но тоа нема да важи за пациентите на клиниките што добиле стар упат. И таму дури вчера се печатеа новите обрасци. Така, ако во текот на декември клинички специјалист издал стар упат за испитување или за снимање пациент, а болниот почекал до годинава да го направи испитувањето, ќе треба да си го промени и упатот.

На Клиниката за радиологија вчера имале случај на пациент со стар упат.

– Не го вративме пациентот. Ако се повтори, тој ќе ја добие услугата, но потоа ќе донесе соодветен упат кога ќе го зема резултатот – вели Гоце Велјановски, директор на оваа установа.

Проф. д-р Ангел Митревски, директор на Клиничка биохемија, објаснува дека вчера немале големи метежи и не можеле да увидат како се движат работите со упатувањето, но објаснува дека и тие нема да примаат стари несоодветни упати.

Со оглед на тоа што голем дел специјалисти упорно не ги воведуваа новите упати, за да не трпат пациентите, од Фондот за здравство пред истекот на минатата година им одржуваа обуки на директорите на установите за тоа како да се употребуваат новите обрасци. Бранко Аџигогов, портпарол на Фондот за здравство, вели дека здравствените установи сега фактурираат за декември и потоа ќе им ја испратат документацијата, па ќе видат кој најмногу грешел во овој месец. За декември, додаваат, нема да прават проблем ако биле издавани и примани стари упати.

Автор: Наташа Бошковска-Златкова

Извор