Назад на соопштенија
Соопштенија #1100

Пациентите ќе се простат од бесплатното здравство Утрински Весник 17.01.2012

· 1 слика

Здружението на матичните лекари ќе бара партиципација од 50 денари без разлика дали пациентот дошол на преглед или, пак, само по рецепти

Јасмина Јовановска

Дали пациентите ќе се простат од бесплатното здравство? Матичните лекари повторно бараат за преглед кај нив да се наплаќа партиципација од 50 денари. Здружението на матичните лекари бара оваа сума да важи без разлика дали пациентот дошол на преглед или, пак само по рецепти. Доколку, пак, болниот треба да прима некоја терапија или инјекција, партиципацијата ќе биде поголема и од 50 денари.

Кај матичните гинеколози, пак, се бара партиципацијата да биде 200 денари. За воведување на овој надомест во примарното здравство, на седницата в сабота ќе расправа Управен одбор на Здружението на приватни лекари.

Матичните лекари бараат да се наплаќа партиципацијата во примарните амбуланти бидејќи со сегашната капитација ординациите од примарното здравство финансиски не можат да опстанат, а проблеми им создава и нередовната исплата на парите за капитација од Фондот за здравствено осигурување. На финансиската состојба на ординациите на матичните лекари голем удар им задала и акцијата на Министерството за финансии со која невработените кои имаат приход над 96.000 денари треба да плаќаат за сини картони.

„Со оваа акција секој матичен лекар во просек изгуби по околу 300 осигуреници. Сите невработени нема повторно да се пријават, а и веднаш не се пријавуваат, па кај нас тие стануваат пасивни пациенти за кои не добиваме капитација. Затоа како Здружение сме против акциите на Министерството за финансии за пререгистарција на невработените на овој начин. А следна ваква акција се планира од февруари, која секако ќе значи нов удар за ординациите“, вели д-р Лиле Дервишева-Чолакова, претседател на Здружението на матичните лекари. Тие предлагаат пререгистрацијата на невработените да се изврши преку Управата за јавни приходи, каде што како разлутат на компјутерската поврзаност со другите институции се слеваат сите потребни податоци.

Д-р Дрвишева-Чолакова објаснува дека тоа што се бара партиципација и за хронично болните, кои на лекар доаѓаат само за препишување рецепти е што непотребно им се троши времето, затоа што покрај рецептите се бара и друга услуга. „И кога се по рецепти, бараат да им се измери притисок, и да им се даде некој здравствен совет, па и тоа е преглед. Мора да се стави ред. Сега бројот на прегледи е енормен. Поради квантитет, се губи на квалитет. За сметка на прегледите на хронично болните не останува многу време за преглед на оние акутните случаи“, вели Чолакова.

Таа не откри колкави се просечните месечни примања на матичните лекари, бидејќи според неа тоа зависело од бројот на пациентите што ги има еден лекар, но појасни дека парите се толку мали што лекарите мора се пријавуваат на минимална плата, што не е во ред. Ако максималните поени за капитација на еден лекар се 2.500, тоа се околу 120.000 денари месечно. Но, матичните лекари се жалат дека никогаш не ги добиваат 100 отсто.

Ова е втор пат за една година како матичните лекари бараат да се воведе партиципација. Првата иницијатива беше лани во јануари, но ја одби претходниот министер за здравство Бујар Османи. Кој е ставот на сегашниот министер Никола Тодоров, тој не го открива. Од Министерството за здравство велат дека тоа барање не е доставено до нив.

Извор