Назад на соопштенија
Соопштенија #1130

Невработените пак се пререгистрираат – Нова Македонија 25.01.2012

· 1 слика

Околу 230.000 граѓани без работа од 1 февруари треба да пополнат изјава во која ќе напишат колку приходи оствариле тие и членовите на семејството лани, па заедно со копија од личните документи да ја предадат во Фондот. Оние што имале приходи поголеми од 96.600 денари ќе плаќаат за сини картони

Уште не ја заборавиле ланската пререгистрација за сини картони, кога невработените во огромен метеж на најжешкото време се тискаа пред подрачните единици на Фондот за здравство за навреме да земат сини картони, а сега треба повторно да се пререгистрираат. Од 1 февруари околу 230.000 граѓани без работа треба да пополнат изјава за ланските приходи за нив и членовите на нивното семејство, па заедно со копија од личните документи да ја предадат во Фондот. Оние што лани во семејството имале приходи поголеми од 96.600 денари ќе плаќаат за сини картони.

Фондот за здравство викендов ќе објави повик до невработените да си ја завршат обврската за пререгистрација до 31 март. Доколку задоцнат, ќе им доцнат и сините картони. Ако, пак, не се пререгистрираат, воопшто нема да ги добијат.

Повторната пререгистрација, со која и повеќе невработени ќе мора да плаќаат за да станат осигуреници, следува откако парламентот ги усвои законските измени, предложени од Министерството за финансии. Со нив за сини картони ќе плаќаат невработените во семејствата со приходи поголеми од 96.600 денари годишно, а не како досега – со приходи поголеми од 130.000 денари. Тоа значи дека ако лани семејството имало годишни приходи од 96.600 денари до 182.000 денари, тогаш еден член-носител на осигурување ќе треба секој месец да плаќа по околу 1.000 денари за да добие сини картони. Ако, пак, приходите се поголеми од 182.000 денари еден член ќе плаќа по околу 2.100 денари, а сини картони ќе имаат сите во семејството.

– Осигурениците се кривично и материјално одговорни за приходите што ќе ги пријават и за лажни податоци ќе одговараат пред надлежните судски органи – велат од Фондот.
Ланската пререгистрација не донесе многу пари за оваа институција. Така, од невработените се собираат само 12.000 евра за сини картони. По 1.050 денари плаќаат 175 лица, па од нив се собираат 185.000 денари. Месечно по 2.100 денари плаќаат 261 лице и од нив се собираат 550.000 денари. Во исто време, не се пререгистрирале околу 40.000 невработени, кои сега нема да трошат државни услуги, но за нив Фондот нема да добива пари. Фондот, генерално, нема ќар од ланската регистрација.

Автор: Наташа Бошковска-Златкова

Извор