Меѓународниот проект Хелтгрупер во периодот од 25 јануари до 7 февруари спроведе електронско истражување помеѓу докторите кои работат во Република Македонија. Истражувањето беше спроведено со цел да се утврдат главните фактори кои влијаат врз задоволството од работата кај докторите.

На прашањето „Колку сте задоволни од реформите кои се спроведуваат во здравствениот сектор и кои се одразуваат на вашата работа како доктор?” дури 75% од докторите изјавиле дека се незадоволни. Најголемиот процент од нив или 34% се изјасниле дека се „многу незадоволни”, 28.5% дека се „незадоволни”, и дополнителни 12.3% дека се „делумно незадоволни“. Како задоволни од реформите во здравството од докторите се изјасниле само 15% од испитаниците.
Убедливо најзадоволни се докторите кои работат во приватното здравство кое нема договор со Фондот за здравствено осигурување. Огромното мнозинство од нив или 84% изјавиле дека немаат намера да го променат своето работно место, додека 52% изјавиле дека се задоволни од нивната работа како доктор во Македонија.
Дури 45% од вкупниот број испитани доктори изјавиле дека размислуваат да го променат постоечкото работно место. Од тие кои размислуваат за промена на работното место, 31.4% размислуваат да преминат од државно во приватно здравство, додека загрижувачки 57% изјавиле дека размислуваат да ја напуштат државата и да заминат во странство. Останатите 11.6% од докторите изјавиле дека размислуваат и да ја променат
професијата.
Од докторите кои изјавиле дека сакаат да ја променат својата работа, а сега работат во примарното здравство, дури 73.3% размислуваат да заминат во странство. Во странство размислуваат да заминат и 50% од докторите кои сега работат во универзитетските клиники. Вкупно 61% од докторите кои сега работат во државните болници размислуваат да преминат од државен во приватен сектор.
“Ова е за прв пат да имаме аргументирани податоци дека мнозинството од докторите се незадоволни од реформите кои се спроведуваат во здравствениот систем. Загрижувачко е и тоа дека незадоволството е речиси рамномерно дистрибуирано помеѓу лекарите кои работат во државното и во приватното здравство и имаат договор со Фондот за здравствено осигурување. Ова се поразувачки податоци за сите нас кои сме работеле на спроведување на реформи со цел да се подобрат состојбите. Уште позагрижувачки се наодите дека речиси половина од лекарите планираат да го променат своето работно место и голем дел од нив да заминат во странство. Наредната недела Хелтгрупер ќе го објави целосниот извештај кој веруваме дека ќе отвори простор за поширока стручна и јавна дебата” изјави д-р Владимир Лазаревик, основач на Хелтгрупер.