Назад на соопштенија
Соопштенија #1266

Лекарските потврди поскапи од лековите

· 1 слика

Родителите на идните првачиња за да добијат потврда за психофизичка зрелост на детето ќе треба да платат 250 денари. Најскапо чини потврда за инвалидска пензија – 1.400 денари

Родители реагираат дека некои матични лекари во Скопје почнале да им ги наплатуваат потврдите по 50 денари, кои им се неопходни за да ги оправдаат децата кога отсуствуваат од училиште. Поскапо ќе поминат родителите на идните првачиња, кои за да добијат потврда за психофизичка зрелост на детето за упис во прво одделение, ќе треба да платат 250 денари. Најскапо чини потврда за инвалидска пензија – 1.400 денари, а предлог за боледување – 500 денари. Доколку на некој пациент му следуваат и пари за нега на друго лице, ќе мора да извади документ од матичниот лекар за кој од својот џеб прво ќе мора да извади 500 денари, исто така.

Иако најевтина, засега најмногу реакции во јавноста предизвика потврдата дека некое дете поради болест не одело на училиште.

– Син ми се разболе и два дена не одеше на школо поради болки во стомакот, па морав на класната да ~ однесам лекарска потврда. Се шокирав кога сестрата ми побара да платам 50 денари, откако матичната докторка ми го напиша оправданието! Па зар и овие потврди почнаа да ни ги наплатуваат во „бесплатното здравство“ – прашува 35-годишна скопјанка.

На прашањето дали наплатувањето на лекарските потврди е во согласност со законот и според кој правилник се тие цени, во Фондот за здравствено осигурување изјавуваат:

– Тоа не е медицинска документација согласно Законот за здравственото осигурување (т.е. член 10 од ЗЗО) и приватните здравствени установи си ја наплатуваат согласно нивните ценовници.

Од Здружението на приватните лекари на Македонија појаснуваат дека одлуката потврдите да им се наплатуваат на пациентите е согласно нивниот интерен правилник.

– Овие услуги не спаѓаат во капитациониот бод што ни го исплатува Фондот за здравство, а на матичните лекари им треба време да ги пополнат обрасците, за што остануваме и по работното време. Знаете ли колку време треба да се направи образец за инвалидска пензија? Тој чини најскапо – 1.400 денари и за него треба да се внесат специјалистички мислења и тоа на четири страници. За нега на болен потврдата чини 500 денари – ние проценуваме каква е здравствената состојба на пациентот, дали му треба нега од друго лице итн. – појаснува д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението. (Љ.Б.)

Извор