И лекарите што имаат приватни ординации ќе треба да плаќаат радиодифузна такса, која изнесува 190 денари месечно.
На оваа обврска реагираат од Здружението на приватните лекари, од каде што на наредната седница на Управниот одбор ќе побараат дали приватните ординации може да бидат изземени од плаќање и на таа обврска.
– Бидејќи имаше многу полемики меѓу лекарите, побаравме совет од адвокат дали како правни лица и ние треба да ја плаќаме оваа такса, за да не се му случи на некој доктор да плати плус и за извршител, ако УЈП реши присилно да биде наплатена сметката за радиодифузна такса. Но имаме и многу други забелешки што ќе му ги предочиме на министерот за здравство Никола Тодоров, на првата средба што ја очекуваме. На пример, зошто лекарите да плаќаат сметки за индустриска струја и вода? Дали нешто произведуваме во нашите ординации за да плаќаме двојно повисоки цени за струја и за вода? За жал, има и многу други непотребни давачки од чие плаќање би сакала да го заштитам членството – вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението. (Љ.Б.)