Пациентите кои се лекуваат во приватното здравство повеќе им веруваат на своите лекари во споредба со болните чии лекари работат во државното. Последното истражување на мрежата „HealthGrouper”, покажало и дека болните одбираат да се лекуваат во приватните болници најмногу поради нехигиената и гужвите во јавните здравствени установи.
„Преку 50% од пациентите кои се лекуваат во државните установи и тие што учествувале во оваа анкета искажале незадоволство од хигиената во ЈЗУ. Вториот елемент, кој што предизвикува незадоволство кај пациентите, е времето на чекање. И тоа е причина зошто пациентот одлучува да оди во приватно здравство“, објаснува Владимир Лазаревик, основач на меѓународната мрежа „HealthGrouper”.
Најголем дел од испитаниците се согласуваат со лекарите дека здравствениот систем е преоптоварен со административни процедури. Анкетата покажала дека болните губат повеќе време на прибирање на документација, отколку на лекување – што не е случај во приватните болници.
„Нивниот впечаток е дека односот на лекарите и на останатиот персонал е значително подобар во однос на односот во Јавните здравствени установи. Таква разлика која што постои во Македонија, не ја евидентираме во другите земји“, додава Владимир Лазаревик.
Во истражувањето, чија цел е да се премостат проблемите на болните, биле анкетирани повеќе од 1300 пациенти.
Елена Ставровска