ФРАПАНТНА ЛЕЖЕРНОСТ ЗА СОПСТВЕНОТО ЗДРАВЈЕ

Тоа што секој десетти с` уште не избрал матичен лекар зборува за неодговорноста на граѓаните кон сопственото здравје и за отсуството на практиката за превентивни прегледи, кои би помогнале во спречување на појавата на потешки заболувања, предупредуваат лекарите
Без матичен лекар се 215.000 осигуреници, што е повеќе од петтина од вкупниот број граѓани што имаат сини картони. Последниов период здравствената статистика евидентира граѓани што се чувствувале здрави, со години не отишле ни на рутинска медицинска проверка, не избрале матичен лекар и – ненадејно починале од срцев или мозочен удар.
Причините за ваквиот однос кон сопственото здравје се различни. Многу граѓани, иако имаат осигурување, бараат чаре во приватните болници, зашто им е преку глава од чекање ред за преглед, снимање или операција. Некои граѓани, особено тие на возраст од 40 до 50 години, мислат дека се во добра здравствена состојба, па нема потреба да одат на лекар, иако тоа е, според лекарите, најризичниот животен период кога мора да се прават превентивни прегледи. А некои сметаат дека им е доволно еднаш во една и пол година да се појават на систематски преглед, па во меѓувреме не мерат ниту крвен притисок ниту прават контрола на здравјето.
– Што ќе ми е матичен – за да се нервирам чекајќи за преглед, упат, или за снимање или, не дај Боже, за операција? Иако секој месец добивам сини картони, одбрав да се лекувам во приватна установа за да не ми се качува притисокот талкајќи по ходници и шалтери во јавното здравство. Сметам дека не е многу ако годишно платам 100-200 евра за основните прегледи – вели 48-годишен скопјанец.
Неговата сограѓанка Марија Стојковска (44) сега се кае што не одбрала матичен уште пред 17 години, кога почна изборот.
– Не одев на прегледи со години, мислев зошто да го правам тоа ако не ми е ништо? Родив две деца, му се посветив на семејството и немав време за на лекар. Kога се јавија првите проблеми, веќе беше доцна, зашто сум добила дијабетес, кој сум можела барем да го пролонгирам ако барем одвреме-навреме го контролирав здравјето – вели Стојковска.
Секој да избере лекар
Во Фондот за здравство потврдуваат дека од вкупно 1.747.766 граѓани со активно здравствено осигурување, 215.000 немаат избрано општ лекар, а половина од жените нема избрано гинеколог. Изборот на лекар е бесплатен и овозможува користење здравствени услуги на товар на Фондот на сите нивоа и подигање лекови од позитивната листа, ортопедски помагала, но и боледувања и упати.
– Апелираме секој што не избрал матичен лекар да избере што поскоро. Здравствениот буџет го формираме според бројот на осигурениците, а изборот на матичен лекар е право, но и обврска, која ако не е спроведена, може да направи и штета – пред с`, за здравјето на осигуреникот. Фондот се залага за што поголема распространетост на матичните лекари, кои се најважната алка во системот. Во некои земји ако не се извршат превентивните прегледи, осигурениците може и да го изгубат правото на осигурување или премијата што ја плаќаат двојно да им се зголеми во наредната година – велат од Фондот.
Што може матичниот
Прегледите кај матичните лекари се бесплатни за секој осигуреник, а тие задолжително треба да ги спроведуваат превентивните активности, договорени со Фондот за здравство:
– Често пациентите што немаат патолошка состојба, едноставно, не одат на лекар. С` уште имаме пациентки кај кои се открива рак на грлото на матката во 4 стадиум или пациенти што во овие 20 години не провериле крвна слика! Тоа е фрапантно! Обврзани сме на рано откривање рак на дојка кај пациентки постари од 18 години бидејќи границата кај сите малигни болести е спуштена. Сега има и активности за откривање рак на дебело црево – секој граѓанин постар од 50 години, кој е сомнителен на болеста, го преупатуваме на тест за скриено крвавење. Поентата е секој матичен лекар да има доволно време да земе анамнеза од пациентот за навреме да се откријат барем дел од болестите, а тоа некогаш недостига, зашто кај нас е вистинско „стампедо“ – често прегледуваме и по 80 лица во две смени, па тогаш нема време ниту да ги прашаме како се – вели д-р Лили Чолакова- Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари и матичен лекар на 1.800 велешани.
Мажите постари од 45 години можат да направат и крвен тест со кој се открива рак на простата.
– Важно кај мажите е да го проверат ПСА-тумор маркерот, па сите над 45 години задолжително ги праќаме на уролог за овој тест. Kај деца откриваме анемии, но и дебелина, зашто с` повеќе се консумира брза а нездрава храна, благодарение на темпото на живеење и лошите навики. И за превенција на дебелината има програма што ја спроведуваме, како и за откривање астма – појаснува д-р Дервишова.
Умираат на 50 години
Еден од најважните прегледи, кој треба да го направат и мажите и жените, е тој за рано откривање на кардиоваскуларните заболувања, од кои умираат над 11.000 жители годишно.
За скопјанец, кој неодамна почина на 45-годишна возраст, пријателите раскажуваат „никогаш не одеше на лекар, изгледаше сосема здрав – ниту глава не го заболуваше. Единствено, пушеше по една кутија цигари на ден.
– Задолжително ЕKГ еднаш на четири години бесплатно им правиме на постарите од 25 години како превенција. Темпото на живеење сега е поинакво, па почесто откриваме срцеви аритмии, исхемија на крвните садови, како и хипертрофија на левата или десната срцева комора. Често имаме пациенти што не го чувствуваат високиот крвен притисок и тие најчесто добиваат мозочни удари. Токму меѓу нив имаме пациенти што со години не се дојдени на основни прегледи, а ненадејно умираат на помлада возраст! – вели д-р Дервишова.
Лекарите апелираат граѓаните што не избрале матичен да изберат што поскоро и да се подигне свеста за превентивни прегледи.
– Последиците за здравјето не се создаваат за ден-два, туку за тоа требаат неколку години. Превенцијата и раното откривање, особено на срцевите и на малигните заболувања, мора да се задолжителни, а Министерството за здравство да се погрижи за секој што нема да се јави на превентивен преглед да има и казни – предлага д-р Дервишова.
Грипот во очекуван пораст
Нови 2.400 случаи со симптоми на грип се пријавени во Институтот за јавно здравје во последната недела, што во споредба со претходната недела, кога беа регистрирани 1.800 случаи, претставува зголемување за 10 проценти.
– Трендот на зголемување е присутен, но бројот на заболените е очекуван во оваа сезона, во која секогаш имало грип. Тоа што се случува и во европските земји и кај нас е очекувано – изјави Благоја Алексовски, претставник на Институтот за јавно здравје.
Од вкупно 8.000 заболени од грип сезонава, околу 80 проценти се разболеле во последните три недели.
– Во последната недела се 2.400, во претходната недела 1.800, што значи дека трендот е зголемен, а се очекува да се зголемува и во наредниот период – истакна Алексовски.
Најголем број заболени се регистрирани во Скопје, Тетово и во Kуманово, а помал број во другите градови. Веќе има зголемување на бројот на регистрирани случаи кај училишната популација.
Голубинка Бошевска, раководител на сектор во Институтот за јавно здравје, информира дека од 4 до 10 февруари во Институтот за јавно здравје се пристигнати 23 примероци за лабораториска анализа, од кои 14 (или 61 процент) се инфлуенца А и од тие примероци е изолиран Х1Н1.
Љубица Балабан