Назад на соопштенија
Соопштенија #3143

Докторе, вадете ми ја матката, проверете го калиумот

· 1 слика

KОГА ПАЦИЕНТИТЕ СЕ ПОГОЛЕМИ ДОKТОРИ ОД ЛЕKАРИТЕ

Љубица Балабан

Докторе, вадете ми ја матката, сигурно имам некој тумор… проверете ми го калиумот, сигурно е висок… му израсна умник на мојот 10-годишен син, а што ќе му израсте на 18 години?! Препишете ми го овој антибиотик, не го сакам тој од минатиот пат… Ова се само некои од дијагнозите што ги поставуваат пациентите, кои некогаш изигруваат поголеми доктори од лекарите.

– Ни доаѓа пациентка на 40-годишна возраст поради пообилни менструални крвавења и од врата ми вели: „Докторке, сакам да ми ја извадите матката!“ Но на ЕХО-прегледот се виде дека таа нема миом, ниту слузницата на матката ~ е променета, па немаме никаква индикација за операција. Предложивме да се проверат хормоните и да се земе ПАП-тест од грлото на матката и доколку се најде нешто, можеби ќе треба киретажа да направиме, нормално, ако има причина за тоа, но пациентката, која е од источна Македонија, упорно сакаше да ~ се извади матката! – вели д-р Снежана Ѓоргиева, гинеколог на Kлиниката за гинекологија во Скопје.

Нејзината колешка д-р Ѓоргиева ја има истата приказна:

– Речиси секој ден ни доаѓаат пациентки на кои нешто им се случува и имаат нервози и инсистираат да го проверат хормонскиот статус… Им објаснувам дека тоа се проверува во одредени денови од циклусот, но тие сакаат веднаш! Не може сите пациентки с` да знаат и кога тие сакаат, да им се провери некоја состојба. Едвај излегуваме на крај со овие жени, со кои тешко можеме да се разбереме, а ни одземаат драгоцено време и внимание, што им треба и на другите, не може само на нив да го потрошиме времето – нагласува д-р Ѓоргиева.

Сами си бараат и инјекции

Матичните лекари реагираат дека има ситуации, особено во изминатите години кога пациентите сами поставуваат дијагнози и препишуваат лекови, а некои очекуваат веднаш да ја добијат соодветната здравствена услуга.

– Правата на пациентите кај нас се преголеми во однос на тие во другите земји каде што се чека многу повеќе и за преглед кај матичен лекар! На пример, во Англија, првин медицинската сестра ве прашува што ви е и проценува дали да ве упати и кај лекарот на преглед. А кај нас, кога доаѓа некој со висока температура, самиот си бара инјекции, не почитува дека докторот треба да ги каже дијагнозата и терапијата според медицината базирана на докази. Некои од нашите пациенти од врата бараат и кој антибиотик да им се препише, без да ги прегледаме или бараат веднаш упат за хирург на клиника. Пред некој ден дојде пациент со болки, а неговата сопруга веднаш ми кажува : Сопругот треба инфузија да прими!“ Друга вели дека имала крвавење при уринирање и веднаш отишла на гинеколог – раскажува д-р Лили Чолакова-Дервишова, матичен лекар од Велес и претседателка на Здружението на матични лекари на РМ.

Таа нагласува и друг пример.

– Денес уште на влезот една пациентка ми вели: „Сакам да го проверам калиумот зашто ме стега во градите“, така некаде прочитала дека ако калиумот е нарушен, ќе се јави стегање во градите!? Kога ја прашавме дали можеби има висок притисок и дали пие таблети за тоа, рече дека не знае…, а кога ~ го измеривме притисокот, веднаш видовме дека тоа е причината за болката во градите, па ~ дадовме „апаурин“ и лек за намалување на притисокот. Но таа малку и нам ни го зголеми притисокот – не може нестручни лица да прочитаат нешто и погрешно да го протолкуваат и уште да ни кажуваат што ние да правиме – категорична е д-р Чолакова.

Му израсна умник на син ми на 10 години

И стоматолозите се на мака.

– Ај ѕирни го син ми и залепи му нешто на забот, не можам да губам време и да го носам пак… – ми вели еден татко или: „Повелете докторке, моето дете има кариес, па видете што ќе правите!“ Друг од врата ми вели: „Му израсна умник на син ми на 10 години, а што ќе му расте кога ќе има 18?“ Или, пак, ми носат 4-годишно дете да му залееме шестка, која не е ни изникната… или сами ги лекуваат децата на кои им отекол забот со сируп или велат: „Му ставив на запчето ракија и паста за заби, но не пројде болката, па дојдовме“ – ги раскажува случките д-р Јасминка Штркова, општ стоматолог од Скопје.

Има и други бисери од пациентите.

– Докторке, има уште кариес за чистење, не го завршивте до крај забот; или кога ги прашувам каква пломба сакаат за детето – бела, естетска или амалгам, некои велат: „Дајте тоа што е поевтино, па и јас носам железни пломби, ставете му таква и на детето! Или прашуваат што е порцелан и каде го има за да го видат – се присетува д-р Штркова.

Матична лекарка од друга општа ординација во Скопје раскажува:

– Сега се знаат пациентите од телевизија и од весници. Ми вели: „Дајте ми да се снимам на тој апарат, така пишуваше во весник за оваа состојба“. Точно е дека ни се мешаат и во дијагнозата и во терапијата, но донекаде и ги разбираме пациентите зашто некогаш тие се незадоволни од долгите процедури за упатување на специјалистички преглед или снимање, па н` притискаат нас зашто секому неговото здравје му е најважно. Поентата е лекарот мирно да го убеди пациентот што е најдобро за него и да не дозволи тој да се меша премногу и во поставување дијагноза и во препишување терапија – вели оваа матична лекарка.