
Приватни лекари се жалат дека се’ уште има проблеми со електронското закажување прегледи, а вчера рецептите се печателе без евиденциски број
Јасмина Јовановска-Вељановска
Закажан преглед на пациент го нема во листата на евиденција на лекарот специјалист, пациенти се враќаат кај матичен лекар по нов упат бидејќи бил пратен на погрешен интернист поради немање евиденција за што се специјализирани, не се примаат печатените рецепти ако немаат број на здравствена картичка која не е издадена… Ова се само дел од проблемите со кои пациентите се соочуваат при електронско закажување прегледи и користење на електронски рецепти за лекови. Лекарите признаваат дека, за разлика од пред еден месец, сега полесно може да закажат прегледи, системот повеќе не откажува толку често, но има други недостатоци кои сепак значат малтретирање за пациентите и за лекарите. И покрај проблемите во примената на системот, Министерството за здравство е децидно – повеќе нема да го одложува електронското здравството, ниту пак привремено да го пролонгира издавањето на е-рецептите.
„Сите пречки кои се јавуваат се решаваат во од и екипите се секојдневно на терен. Електронскиот рецепт, пак, ќе се воведува регион по регион. Засега системот е среден во источниот регион, а скопскиот ќе дојде на ред кон 20 август“, велат од Министерството за здравство.
Во текот на вчерашниот ден во Здружението на приватни лекари телефонот се вжештил од реакции на лекарите кои имале проблем со нецелосно пополнети е-рецепти. Се печателе е-рецепти без неопходниот електронски број на евиденција, без кој аптеките нема да ги примаат, бидејќи Фондот за здравствено осигурување нема да им ги признае.
И пациенти се пожалија дека вчера во неколку скопски аптеки не можеле да подигнат лек иако имале печатен рецепт. Аптекарите им рекле дека не може да подигнат лек со рецепт на кој го нема бројот на здравствената картичка, иако не им е издадена.
За да не се повтори ситуацијата од 1 јули, кога поради многубројни пропусти дојде до одложување, ставот на Здружението на приватни лекари е системот да не се пушта во функција додека не се отстранат сите дефекти.
„Ми се јавија десетина лекари кои се пожалија дека рецептите се печателе без бројот за евиденција. Бараме Министерството за здравство да излезе со техничко упатство што да се прави во овие случаи. При тоа бараме поголема толеранција, да нема казни ниту за аптеките, ниту за лекарите додека не помине периодот на адаптација и не се надминат овие технички пропусти“, потенцира д-р Лилјана Чолакова-Дервишева, претседател на Здружението на приватни лекари.
Системот се’ уште гененира недоречености кои матичните лекари веќе ги пријавиле во Министерството за здравство. „Доколку се јави нов пациент кој е во акутна состојба и натаму не може да му се препише рецепт за обичен антибиотик, ниту пак да му се даде упат за рентген, туку тоа може дури по неколку дена. На пациентите кои во моментот немаат активно осигурување, системот не дозволува да му се закаже преглед. Се’ уште нема ни посебен упат за итни случаи, туку се пишува на обичен електронски упат, па рачно се додава дека е итно. Не сме против е-системот, со сите напори се трудиме да профункционира“, вели д-р Чолакова-Дервишева.
Од Министерството за здравство велат дека аптеките со е-рецептите ќе работат исто како и до вчера. „И да има некој проблем со е-рецептите не смее да не се издаде лек на пациент. Системот се тестираше во јули и сега издавањето лекови ќе продолжи исто како и во јули со печатени рецепти. Системот се средува регионално. Онаму каде што не е среден ќе се издаваат лекови по старо, се’ додека не бидат поминати сите региони во државата“, објаснија од Министерството за здравство.