Назад на соопштенија
Соопштенија #576

Електронскиот рецепт нема да ги намали нервозите – Утрински весник 14.06.2011

· 1 слика

Ако лекарите досега губеа време за рачно пишување рецепти, сега ќе трошат време за нивно печатење

Јасмина Јовановска

Електронскиот рецепт, кој, според најавите на Фондот за здравствено осигурување, ќе се воведе од 1 јули, според одредени матични лекари, нема да ги намали нервозите кај пациентите. Ако сега лекарите губат време за рачно пишување рецепти, сега ќе се троши време за нивно печатење, што повторно нема да ги намали турканиците во чекалниците.

„Може да снема струја, па да заглави компјутерот, или печатачот, па место нервози за ред ќе се прават нервози поради технички пропусти“, велат некои матични лекари. Тие се жалат дека од нив се бара да имаат по два компјутера за да може да се печатат рецептите од две места, а никој не ги прашува дали имаат пари да купат уште по еден компјутер.

Но, лекарите, сепак, признаваат дека со новиот рецепт ќе им се олесни работата зашто нема да трошат време на пишување рецепти, посебно кога издаваат хронична терапија за три месеци. А, колкав ќе биде бенефитот од електронскиот рецепт ќе се знае откако ќе почне да се спроведува новината во практика.

„Нема да се губи време за пишување рецепти и, секако, ќе имаме повеќе време да се посветиме на здравјето и болеста на пациентите. Но, се’ уште ќе се губи време на другата администрација како пишување во здравствените картони. Книшките ќе може да се остават кај медицинската сестра и таа само да ги испечати. Но, секако, таа ќе може да ја заврши оваа работа, ако нема други пациенти, кои чекаат ред за преглед и, кои, исто така, бараат администрација како воведување во дневник“, вели еден матичен лекар од Скопје, кој сака да остане анонимен. Вистинската корист, според овој матичен лекар, ќе се види откако ќе се воведе здравствената картичка и се прашува зошто не се почека да профункционира целиот систем.

Во Здружението на приватни лекари тврдат дека со воведувањето електронскиот рецепт придобивки ќе имаат и пациентите и лекарите. „Хроничните болни нема за еден рецепт да чекаат во ходниците со другите болни. Додека се на пазар ќе им се испечатат рецептите“, вели д-р Лилјана Чолакова-Дервишева.

Најголемиот бенефит, додава д-р Чокалова-Дервишева, ќе биде тоа што за нечитливо напишаните рецепти болните веќе нема да се враќаат кај матичниот лекар или да добијат погрешен лек.

„На пример, ’амизол‘, кој е антидепресив, поради сличната генерика се мешаше со ’аминофилин‘, кој е за проблеми со дишење“, посочува д-р Чолакова-Дервишева.

Сите матични лекари се подготвени и со програми и со печатачи за да стартуваат со оваа новина и веќе некаде е извршено и тестирање. „За проблемите од типот ако снема струја или, пак, се расипе компјутерот, Фондот ќе има разбирање и ќе може рачно да се пишуваат рецептите и тие ќе важат во аптеките“, вели д-р Чолакова-Дервишева.

И од Фондот велат дека нема никаков проблем за воведување електронски рецепт од 1 јули. „Програмите ги имаат набавено, исто така, и печатачи и тоа одамна. И шифрите ќе се печатат на предната страница исто како што е предвидено на рецептот“, велат од Фондот за здравствено осигурување.

Превземено од Утрински Весник