ОД ПОЧЕТОКОТ НА НАРЕДНИОТ МЕСЕЦ
Лекарските рецепти – компјутерски
Мими П. Шушлеска
Од почетокот на наредниот месец лекарите нема да можат рецептите за лекови да ги пишуваат рачно, туку ќе ги пополнуваат компјутерски и потоа ќе ги печатат. Со тоа, објаснуваат во Фондот за здравство, фармацевтите нема да мораат да го толкуваат неразбирливиот лекарки ракопис. Матичните доктори, пак, децидни – иако новините стартуваат за десетина дена, никој од Фондот не им објаснил како точно тоа ќе изгледа и ќе функционира.
Дел од лекарите реагираат дека ова тешко ќе се спроведе бидејќи целосно ќе го промени системот на работа. Во летниот период проблем ќе се јави и поради тоа што кога матичниот лекар ќе замине на летување неговата замена нема да може да препише рецепт бидејќи во компјутерската евиденција ги нема пациентите што не му се матични.
– Треба да стартуваме за десетина дена, а никој од Фондот за здравство не ни кажал официјално како ќе функционира тоа, што треба да се приспособи, не ни дадоа никакви упатства по кои ќе работиме – вели матична лекарка од Скопје.
Лекарите објаснуваа дека досега податоците за пациентите во компјутерските програми ги внесувале медицинските сестри, а од сега ќе треба тоа да го прават тие. – Тоа значи дека ќе губиме време за да пополнуваме документи во компјутерот, место да ги прегледуваме пациентите – велат лекари.
Најголем проблем ќе се отвори со препишувањето рецепти на пациентите што не им се матични.
– Од Фондот велат дека во нашите компјутери треба да ја имаме базата на податоци и за пациентите што се кај лекарот со кој се менуваме. Но, тоа не е практично бидејќи така може да настанат злоупотреби – велат лекарите.
Проблем е и тоа што овој начин на пополнување рецепти воопшто не е дел од системот за електронската картичка. – Велат дека ова се прави затоа што лекарите имале лош ракопис, па аптекарите не можеле да го разберат. Ако е така, тогаш како се работело до сега?! Најдобро ќе беше да се почекаше да се воведе електронскиот рецепт бидејќи со таа програма сите податоци за пациентот ги пополнува медицинската сестра, а лекарот само пишува дијагноза и терапија – објаснуваат лекари.
Претседателката на Здружението на приватни лекари Лилија Чолакова-Дервишова, пак, вели дека нејзините колеги се задоволни од новиот начин на препишување на рецептите, а забелешки имале само постарите лекари што биле инертни кон современата технологија.
Во Фондот за здравство се децидни дека лекарите со договорите што ги потпишале се обврзани од јули да ги печатат наместо рачно да ги пишуваат рецептите.
– Нема ништо нејасно, се се знае како ќе функционира. Упатството вчера го испративме до Лекарската комора, како и до програмерите. Бенефит ќе има и за лекарите и за пациентите. За хронично болните што примаат иста терапија ќе може рецептот однапред да биде испечатен и тие кога ќе дојдат на лекар нема да треба да чекаат, туку ќе го подигнат од кај медицинската сестра – вели Бранко Аџигогов.
Но, тој не можеше да каже дали сите лекари се подготвени да почнат со новиот начин на препишување рецепти и за тоа што ќе се случи со тие што се уште немаат услови за ова да го применат. Аџигогов објаснува дека рецепт ќе може да се напише рачно само ако снема електрична енергија. Од овој систем ќе бидат изземени и наркотиците за кои се пишуваат три рецепти.