
Во 2008 година имало 10 милиони реализирани рецепти за лекови од позитивната листа, а во 2010 година биле издадени дури 15, 2 милиони лекови, посочуваат од Фондот за здравство
Во последно време за многумина лековите станаа како и лебот – секојдневна потреба без која не се може. Ова е заклучок од анализите на релевантните институции. За 50 отсто е зголемен бројот на издадени лекови во последниве две години. Во 2008 година имало 10 милиони реализирани рецепти за лекови од позитивната листа, а во 2010 година биле издадени дури 15, 2 милиони лекови, тврдат од Фондот за здравство.
Освен на лековите со сини картони од примарната и болничката листа, зголемена е потрошувачката и на другите препарати од комерцијалната (негативна) листа на лекови. Во однос на 2009 година, кога лековите „проголтале“ 129 милиони евра, во минатата година вкупната потрошувачка на лекови – од апче за главоболка до лек за хронично заболување – достигнала вредност од 146 милиони евра, велат во Бирото за лекови.
Дали граѓаните повеќе се разболувале или им „диктирале“ на лекарите што да им препишат и кога не биле навистина болни? Или, пак, матичните лекари нерационално ги давале рецептите и покрај строгите фондовски правила – тие годишно треба да препишуваат лекови во вредност од 550 денари за осигуреник, во просек?

Несоодветно препишување рецепти
Драстично е зголемен бројот на издадените рецепти за лекови за централниот нервен систем – за лекување мозочни удари, епилепсија и други заболувања. Кај антидепресивите бројот на издадени рецепти е зголемен од 500.000 во 2008 година на речиси 800. 000 во 2010 година, според податоците од Фондот за здравство.
Кога се во прашање антибиотици – една од најчестите причини заради која одиме кај матичниот лекар, за само две години бројот на реализирани рецепти за оваа група лекови е зголемен од 1,2 милион на 2 милиона.
За овие фрапантни бројки во Фондот за здравство појаснуваат:
– Ова не значи дека граѓаните почнале да се разболуваат повеќе за овие две години, туку дека има и неправилности во препишувањето рецепти. Но, главните причини заради кои е зголемен бројот на реализираните рецепти се поевтинување на лековите, проширување на позитивната листа со нови лекови во овие две години, како и зголемување на квотите со лекови на аптеките. Точно е дека има и големи разлики во начинот на препишување на лековите – дел од матичните лекари не ги препишуваат лековите врз медицината базирана на докази, туку по навика. Многу е важно рационалното препишување и користење на лековите – и заради опасноста од појава на резистенција (отпорност кон одреден лек) – велат од Фондот за здравство.
Во Здружението на приватни лекари на РМ признаваат дека дел од рецептите се напишани по диктат од пациентите. Но, нагласуваат и на опасноста од нерационалната употреба на антибиотици и други лекови
– Има многу лекови што на пациентите им ги препишуваме по препорака на специјалисти и во тие случаи мораме да ја почитуваме препораката. Јасно е дека имаме и голем притисок за препишување лекови од страна на пациентите, а од друга страна ние зависиме од бројката на осигуреници што се прикрепени кај нас – платени сме по капитација (број на пациенти), но мора да се има почитување кон лекарот кој треба да го даде рецептот. Во некои случаи пациентот доаѓа кај нас со ливче и вели: „Докторе, да ми ги препишете овие лекарства!“ На прашањето зошто му се лековите за кои тој нема реална потреба да ги пие, дел од пациентите признаваат дека препаратите се наменети за некој близок што нема осигурување или бараат да им ги препишеме лековите за да имаат резерва во домашната аптека или за обични настинки за кои не треба антибиотик. За да се искоренат овие навики, во некои земји во соседството, во Србија на пример, се наплаќа по околу 10 динари од препишан рецепт, мерка со која и кај нас можеби би се намалила потрошувачката на лекови, а би се подигнала и свеста кај пациентите за опасноста од неконтролираната употреба на антибиотици. Можеби треба и кај нас да се воведе – вели д-р Лили Чолакова, претседател на Здружението на матичните лекари.
Повисока свест на пациентите
Таа предупредува дека во практиката имала неколку пациенти кај кои се јавила резистенција на лековите што ги употребувале.
– И покрај негативностите, с` уште постои практика антибиотици да се пијат и кога треба и кога не треба. Едноставно, пациентите ви велат: „Дајте ми ‘цефалексин’, или ‘амоксиклав’ да ми се најде“. Пред 20-ина години болните доаѓаа со проблеми, но чекаа ние да им препишеме тоа што им е неопходно, а не нарачуваа антибиотици од врата, како да се бонбони! Мора да се врати почитта и редот кон матичните лекари и да се заострат мерките за рационално препишување антибиотици. Има и книга – „Упатства за лекување според медицина базирана на докази“ и добро би било кога сите лекари би се свртеле кон овие упатства за да се запрат злоупотребите при издавање антибиотици. Еве, на пример, неодамна ми дојде млада аптекарка, која станала резистентна на лековите против бактеријата ешерихија коли. Пациентката имала чести воспаленија на бешиката, за што пиела антибиотици по три дена и помалку, иако правилната терапија е од седум до десет дена. На крајот, таа не реагирала веќе на ниту еден антибиотик. Ја упатив на Клиника зашто отпорноста кон лекови не е воопшто безопасна – со што ќе се лекува оваа пациентка ако добие посериозна бактериска инфекција од која има опасност од оштетување на уринариот систем – предупредува д-р Чолакова. Таа додава дека сите – Министерството и Фондот за здравство, заедно со лекарите мора да работат на подигање на свеста кај пациентите за правилно препишување рецепти и запирање на правењето домашни аптеки.
Илчо Захариев, директор на Бирото за лекови
Неконтролирано стануваме таблетомани
Треба да се свртиме кон природата, а бидејќи живееме во земја во која виреат дури 1000 лековити растенија, да не дозволиме тие да пропаѓаат, треба секојдневно да ги користиме преку пиење чаеви, порачува директорот на Бирото за лекови Илчо Захариев.
Потрошувачката на лекови со сини картони е зголемена дури и за 50 отсто за само две години. Има ли реална причина за тоа или стануваме таблетомани, па голтаме лекови и за што треба и за што не треба ?
– Појавата на новиот, пандемиски грип А (Х1Н1) во 2009 и во 2010 година ја зголеми потрошувачката на лекови, но и светската економска криза, а иако ние полесно ја пребродивме, сето тоа имаше одраз врз потрошувачката.
Зголемена е, за жал, и нерационалната употреба на антибиотици?
– Тоа е точно, често луѓето се решаваат да земат антибиотик, иако тој може да направи поголема штета од корист. А нерационалната употреба на антибиотици носи штета и на фармацијата, бидејќи лековите што се создавани со децении и во чие пронаоѓање е вложен макотрпен труд, за кусо време може да го изгубат своето фармаколошко дејство. Пиењето антибиотици без индикација и кога не треба, носи и опасност од појава на алергии.
Како да се одвикнеме од земање антибиотик и за обична настинка?
– Дефинитивно треба да се свртиме кон природата. Живееме во земја во која виреат повеќе од 3. 000 виши растенија, а дури 1000 од нив се лековити. Да не дозволиме тие да пропаѓаат. Затоа треба секојдневно да ги користиме – да пиеме чаеви, со кои ќе го засилиме организмот и полесно ќе се бориме против болестите. Чајот од камилица, на пример, е добар за мирен сон, мајчина душица помага при заболувања на дишните патишта, планинскиот чај освежува и го подобрува имунитетот, а липата е одлична против настинка. Колку што е можно повеќе, луѓето да ~ се враќаат на природата, а да ги одбегнуваат антибиотиците и другите лекарства. На тој начин, освен што има придобивки за граѓаните, има и повеќе други ефекти: ќе се заштеди во здравствениот систем, ќе се намали потрошувачката на лекови воопшто, а со тоа и нерационалната употреба и несаканите дејства од лековите.
Љубица Балабан