Назад на соопштенија
Соопштенија #743

Новите мерки не го намалија метежот во ординациите – Нова Македонија 19.08.2011

За нови рецепти болните почесто треба да одат по извештај, а многумина да патуваат и во друг град, затоа што матичните лекари веќе не можат да го пропишуваат лекот подолго од времето определено за контрола кај специјалист. Тоа за пациентите значи шетање по ординации, нервоза и трошоци

Матичните лекари го забрзале издавањето печатени рецепти за пациентите, ама уште имаат мака со нервозни пациенти, кои треба да шетаат по специјалисти за да добијат одобрување за лекот што веќе го примаат. Матичните лекари од пред неколку месеци не можат да го пропишуваат лекот определен од специјалист подолго време од она што на специјалистичкиот извештај стои како рок за контрола на пациентот. За да добијат нови рецепти, пациентите повторно треба да одат кај специјалист, за што многумина треба да патуваат и во друг град. Тоа за нив значи шетање по ординации, нервоза и трошоци, а за лекарите – расправии по ординациите.

Специјалистите по секој преглед издаваат извештај на кој ги пишува дијагнозата, определената терапија и по колку време пациентот треба да дојде на контрола. До пред некое време матичните лекари сами определуваа колку време пациентот треба да ја прима терапијата и без разлика на времето за контрола без проблем ја пропишуваа. Но Фондот за здравство ги засили контролите, па пациентите за да добијат рецепти, мора да одат на нови контроли.

– Ако стои дека контролата е за три месеци, ние по тој рок не можеме да издадеме рецепт за лекот што го определил специјалист. Пациентите мора да научат дека мора да се почитуваат правилата и дека редовно мора да се јавуваат на контрола. Овој проблем со рецептите што одат по специјалистичка препорака создава нервоза кај пациентите и е честа причина за промена на матичниот лекар – вели матичната лекарка д-р Лидија Ристовска.

Општите лекари апелираат специјалистите реално да го запишуваат времето за контроли. Претседателката на Здружението на приватни лекари, д-р Лилија Чолакова-Дервишова, смета дека треба да се работи на промена на ставот на пациентите, кои сметаат дека еднаш пропишан лек може цел живот да се пие.

– Ни доаѓаат и со ливчиња за тоа кој лек тие сакаат да го добијат. Матичниот лекар мора да го почитува мислењето на специјалистот – вели таа.

Честото одење на специјалисти е голем проблем за пациентите од помалите градови, каде што нема таков кадар. Здружението побарало од Фондот да се променат правилата за одредени лекови, за да им олесни на пациентите.

– На пример, лекот „сулфосалазин“ за хронично воспаление на дебелото црево треба да го пропише клинички специјалист, па пациентите од Велес мора да доаѓаат до Скопје. Бараме да се олесни неговото пропишување и за тоа разговараме со Фондот – вели д-р Чолакова-Дервишова.

Од пет до десет денари за рецепт

Од Здружението на матични лекари најавуваат дека во септември ќе побараат пациентите да плаќаат по пет-десет денари за рецепт од матичниот лекар.
– Така на лекар ќе доаѓаат оние на кои навистина им е потребна помош, ќе им се олесни работата на колегите и ќе се намалат метежите – вели д-р Чолакова-Дервишова.

Автор: Наташа Бошковска-Златкова